Работниците во Белгија ќе добијат можност да се префрлат на четиридневна работна недела, како дел од работничките раформи кои ги најави белгиската влада мината недела.
Покрај тоа што нема да мора да се држат до вообичаениот работен режим „од понеделеник до петок“, работниците исто така ќе имаат право да ги исклучат своите работни уреди и да не одговараат на пораки поврзани со работа надвор од работното време.
„Искусивме две тешки години. Со овој договор, поставуваме светилник за економија која е поиновативна, одржлива и дигитална“ – најави белгискиот премиер Александер де Кро, додавајќи дека целта е да се направат луѓето и бизнисите да бидат посилни.
Според најавите, работниците ќе имаат можност да ја испробаат четиридневната работна недела во текот на шест месеци, а потоа да донесат одлука дали ќе продолжат со неа или ќе се вратата на стандардната петдневна работна недела.
Работниците исто така ќе можат од своите работодавци да добијат пофлексибилни работни распореди. Имено, компаниите сега ќе бидат обврзани да објавуваат промени во работните распоредни најмалку една недела однапред, со цел работниците да можат навремено да ги прилагодат своите планови.
Федерацијата на работодавци на Белгија, во која членуваат околу 50.000 компании, го изрази своето незадоволство од најавените промени.
„Наместо да создаваат повеќе можности за барателите на работа, она што го гледаме е власт која наметнува дополнителни услови кои ќе ги обесхрабруваат реботодавците“, посочи Моника Де Јонге, директор на Федерацијата на работодавци.
извор: marketing365.mk