Во изминатите години сведоци сме како Град Скопје ослободи и уреди многу од пешачките и велосипедските патеки на примарната мрежа. Но, општинските улици премногу заостануваат во тој поглед. За да биде пешачењето и возењето велосипед безбедно и удобно, предлагаме општините самостојно, во меѓусебна соработка и соработка со Град Скопје да почнат да работат веднаш со цел да се подобрат условите на велосипедистите.
Тие предлози се однесуваат на ослободување на тротоарите од паркирани возила и урбана опрема и нивно подобрување каде постои потреба, создавање на задоволителна велосипедска локална мрежа бидејќи велосипедските патеки исклучиво на булеварите не се доволни за создавање на сигурно и достапно движење, нула жртви во сообраќајот преку издвоена велосипедска и пешачка мрежа, ограничување на брзината на 30км/час за најголем дел од мрежата, освен булеварите, или 20км/час каде што сите учесници во сообраќајот ја користат истата коловозна лента, редизајнирање на улиците во насока на поголема безбедност, возможно, достапно и безбедно паркирање на велосипеди, особено за нови објекти, како и поттикнување на овој тип на здрав, зелен сообраќај преку субвенции.
Петте точки се во насока на обезбедување на непречено движење и безбедност на сите категории граѓани, а не движење кое предизвикува револт и загрозување на човечкиот живот. Додека изминатите години се работеше на подобрување на примарната велосипедска и пешачка инфрастуктура што во комбинација со субвенициите за велосипеди на повеќе општини директно придонесе бројката на велосипедисти да расте од година во година, локалната патна мрежа не успеа да се прилагоди на новонастанатите промени во користењето на превозните средства, доведувајќи ја во прашање безбедноста на најранливите учесници во сообраќајот.
извор: inovativnost.mk