Јавноста е потресена од речиси секојдневните вести за настрадани пешаци, кои за жал, не ретко завршуваат само со лесни телесни повреди и психолошка траума за цел живот.
Иако сообраќајната полиција секојдневно соопштува за засилени контроли и кај возачите и кај пешаците и изречени по над 100 санкции дневно, ефектот како да заостанува.
Брзи и бесни возачи, невнимателни пешаци! За кого постојат сообраќајните правила, се прашува јавноста која, како што вели, страшно е да се движиш низ Скопје, па така треба да „се претвориш“ во око за да видиш од каде ќе излета некој да те прегази или во најмала рака, исплаши?
Граѓаните се едногласни дека не за секој возач е возачка дозвола.
Одземање на возачката дозвола на секој несовесен возач. Нека се вози понатаму со автобус или такси, или со велосипед. Значи во Скопје е страшно да се прати дете на училиште, на курс, треба до средно да ги водиме секаде и пак, да не сме сигурни дека сме безбедни, велат граѓаните.
Еден такси возач, пак, вели дека со оглед дека поминува по десет часа во скопскиот сообраќај, не секогаш се виновни возачите. Тој вели дека кај пешаците проблем е што често брзаат и се загледани во телефоните.
Јас сум таксист кој два пати во денот фаќа сообраќаен шпиц. Има многу некултурни возачи, но и пешаци. Сообраќајната култура е дел од онаа општата, домашна култура која за жал кај нас недостига. Верувајте и нам не ни е лесно што мора да внимаваме за сите учесници во јавниот сообраќај. Кога секој би внимавал да ги почитува своите правила би било во ред, а не младите неискусни возачи да брзаат и претекнуваат, пешаците да претрчуваат со телефон во рака... Секој брза некаде, да се разбереме, секој е под некаков стрес, но секој треба да внимава на својот живот. Се согласувам, секој кој ќе направи прекршок треба да остане без возачка дозвола извесно време, вели скопјанецот кој со години работи како такси-превозник.
Дали и кога воопшто ќе се смени културата на однесување на скопските улици зависи од самите нас!