Сите првачиња што ќе почнат да одат во училиште на територијата на Општина Кисела Вода од следната учебна година, симболично ќе добијат ранче подарок, најавуваат од оваа скопска општина. Реализацијата на овој проект насловен како „Ранче за секое прваче“, ќе има за цел барем малку да им ги олесни финансиските трошоци на родителите при уписот на своето дете во училиште.
За секоја училница од сите 11 објекти, од осумте централни и трите подрачни училишта, Општина Кисела Вода обезбеди компјутер за наставниците. На овој начин, тие можат во целост да си ги извршуваат своите обврски на работното место. Ова е посебно значајно бидејќи од оваа учебна година дневникот постои само во електронска форма, но и поради фактот што се обезбедува поквалитетно изведување на онлајн-наставата за учениците што се во изолација. Воедно, ова овозможува и подобра примена на ИКТ во наставата. Еден од следните зацртани проекти е и Таблет за секое дете – информираат од Општината.
извор: slobodenpecat.mk