Има поскапувања во Грција, земја каде сезоната ќе почне на 1 март, како што најавија тамошните власти, но граѓаните веќе се интересираат за аранжмани кај јужниот сосед. Веројатно, новите повисоки цени нема да ги одвратат македонските граѓани од летување во оваа земја. Освен за Грција, интерес има и за одмор во Албанија.
„Точно е дека оваа година на глобално ниво се повисоки цените на туристичките услуги, особено кај нашиот западен и јужен сосед, но и покрај тоа веќе има заинтересираност за истите кај нашите патници. Со оглед на неизвесноста во ова време би вовеле еден нов почеток и нормален тек на активностите во туристичкиот сектор за вршење на оваа дејност, бидејќи за жал се соочивме со големи потешкотии кои ни оставија последица во туризмот. Ги следиме и мерките и насоките и свесни сме за важноста на информирањето за моменталната состојба во туризмот, особено сега кога сме на прагот на пролетната и летната туристичка сезона која не може да ја опише радоста на туристите за туристичките аранжмани“, велат од туристичките агенции.
Грција ги зголеми цените, а поскапувањето се должи на цените на енергенсите. Така, во просек сместувањето во апартмани во Грција е поскапо за 15 отсто, а во хотелите за 20 отсто. Зголемени се цените за кафе, лежалки, гиро. Грција е земја чија економија пак зависи од туризмот. Во 2019 година, Грција ја посетиле 948.000 македонски државјани, покажаа податоците кои ги објави Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси. Во вкупниот дојдовен туризам во Грција, Македонија тогаш беше на 27-то место.
извор: faktor.mk