Компанијата Ван Хоол Македонија ќе стипендира и поддржува два магистри на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, на денешното потпишување на договорите за стипендирање, истакна дека Факултетот продолжува со своите активности за унапредување на својата трета мисија: соработката со индустријата.
„Ова соработка станува се позначајна во современото општество, бидејќи овозможува трансфер на знаење, иновативни решенија и можности за нови вработувања. При дефинирање на оваа соработка, секогаш во фокусот се нашите студенти – затоа континуирано ги прилагодуваме нашите студиски програми за потребите на индустријата, а компаниите обезбедуваат практична работа и реални проекти за студентите, донираат опрема и слично. Денешниот договор е пример за таква соработка, со што се обезбедени школарини и стипендии за двајца студенти на магистерски студии кои треба да работат на конкретни истражувачки проекти во самата компанија“, вели Ташковски.
Ван Хоол ќе стипендира кандидати од областите „компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика“ и „компјутерски технологии и инженерство“ на ФЕИТ. Освен стипендиите, компанијата ќе ја продолжи досегашната соработка со ФЕИТ при реализација на други проекти.
„Ван Хоол повеќе од две години активно трансферира дел од својот know-how од Белгија од областа на напредни технологии за изработка на возила со нула-емисија на штетни гасови по околината, т.е. на електрични и водородни градски и туристички автобуси. Досега компанијата ширум Европа и САД има пласирано преку 1200 такви возила. Нашите развојни активности во периодот што измина и во периодот што следи уште повеќе ги засилуваме и сме среќни и задоволни што имавме можност да најдеме една таква сериозна институција како што е ФЕИТ со која соработуваме и која покажа интерес и волја ефективно и практично да се вклучи во понатамошниот развој на овие технологии водени од страна на нашата компанија. Преку идентификување на соодветни студиски програми и студенти во фаза на пост-дипломски студии, кои нашата компанија дополнително ќе ги поддржи преку стипендирање и вклучување во истражувачките дејности, ја продолжуваме оваа успешна соработка“, изјави Аврам Стојчевски, генерален директор на компанијата Ван Хоол.