Владата ја донесе Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки со која се замрзнуваат цените на дополнителни продукти како што се овошјето, зеленчукот и пченицата и се определува највисоката трговска маржа за да се елиминираат можностите за раст на цените по други основи.
Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата со следните производи:
леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица, овошје и зеленчук.
На трговските друштва и трговците поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на наведените стоки се утврдува трговска маржа до 5% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно во вкупен износ до 10% на продажната цена пресметана во трговијата на мало.
Кај трговците на големо, трговската маржа до 5% се однесува за сите учесници кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо.
Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10% се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици (примарни и секундарни позиции).
Оваа одлука ќе се применува од 1 март 2022 година до 31 мај 2022 година, заради потребата да се ограничи растот на цените во следните три месеци, односно трговската маржа да нема значајно влијание во растот на цените по престанувањето на важењето на одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
извор: news24.vip