Државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви, во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта. И мелничарите најавија дека не треба да се очекуваат проблеми во снабдувањето со пченица и брашно.
За да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето храна и горива, во наредниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти и правните субјекти кои вршат трговија на мало и големо со нафтени деривати. Екипи на Управата за финансиска полиција заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи вршат сеопфатни контроли на територијата на цела држава.
Надлежните во повеќе наврати соопштија дека храна, гориво и енергенси има доволно и апелираа граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да не се крева непотребна паника. Уверуваат дека државата е подготвена да одговори на сите предизвици поврзани со кризата.
извор: mkd.mk