Брзата пруга Белград - Нови Сад и новите двокатни возови од производителот „Штадлер“ од 15 март ќе бидат пуштени во употреба во Србија. Возовите ќе сообраќаат со максимална брзина од 200 километри на час и ќе го минуваат растојанието меѓу Белград и Нови Сад за 35 минути. Цената на билетот ќе биде 1.500 српски динари.
Железничката делница што ќе биде отворена за сообраќај е дел од проектот за поврзување на Белград и Будимпешта со брза железница. Дополнителните делници од Нови Сад до Суботица и од српско-унгарската граница до Будимпешта уште се градат. Овие две делници треба да бидат завршени до првата половина од 2025 година.
Инаку, Србија купи три двокатни воза од швајцарскиот производител на железнички превозни средства вредни над 62 милиони евра. Секој воз има по 300 седишта, опремени се со интернет и бар со пијалоци за патниците, пишува Јуроњуз. Дополнително, Србија ќе набави од „Штадлер“ уште 18 нови возови за регионален железнички сообраќај во вредност од 112 милиони евра.
извор: meta.mk