Бројот на увезени возила во земјава лани драстично се зголемил. Податоците покажуваат дека од јануари до ноември 2021 година во земјава биле увезени вкупно 40.326 возила, вклучувајќи автомобили, автобуси, минибуси и товарни моторни возила. Севкупните информации за целата измината година не се објавени, но постојните бројки покажуваат дека бројот на увезени возила лани е зголемен за над 8.000 во споредба со 2020 година.
Процентот на граѓани кои поседуваат сопствен автомобил од година во година расте во земјава. Притоа, низ годините наназад мнозинството од овие превозни средства што се увезуваат се веќе користени, со поминати десетици илјади километри и со мотори најчесто со под ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови, кои го загадуваат воздухот.
Инаку, заострувањето на условите за увоз на половни возила од странство е една од мерките за да се ублажи влијанието на патниот транспорт врз аерозагадувањето во градовите. Две други мерки коишто исто така беа ветувани од Владата дека ќе се спроведат на национално ниво се воведувањето на еколошката такса за нафтените деривати, но како и на еколошките налепници за возилата што сообраќаат на улиците.
Според последните информации воведувањето на еколошката такса што беше најавена од 1 јули минатата година сè уште се наоѓа во собраниска процедура, бидејќи е во рамки на предлогот на Законот за Измена и дополнување на Законот за животна средина.
Уште една мерка која што може да влијае врз намалувањето на аерозагадувањето во градовите, но и на емисиите на стакленички гасови на земјава, се еколошките налепници за возилата. Оваа мерка за воведување на црвени, жолти и зелени налепници, односно класификација на возилата според степенот на испуштање на издувни гасови, веќе трета година по ред не е функционална.
Покрај аерозагадувањето, забрзаниот увоз на возила од странство доведува и до зголемување на проблемот со недостигот на паркинг места во градовите, го оптеретува веќе присутниот сообраќаен хаос во поголемите градови, а притоа забрзаната стапка на моторизација на населението го намалува и користењето на јавниот превоз, покажуваат статистичките податоци.
извор: meta.mk