Европски сертификат за вакцинација, европска потврда за прележан Ковид-19 или негативен резултат од ПЦР/рапид тест и понатаму се задолжителни за влез во Грција, правила кои важеа и во изминатиот период и се непроменети и продолжени за уште две седмици до 21 март 2022 година, а воедно се однесуваат и на туристите од Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Пополнувањето на PLF (Passenger Locator Form) формуларот е задолжително заклучно со 14 март, со оглед на тоа дека од 15 март се укинува, нешто што е потенцирано и во новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19″, што веќе е објавена во Службен весник, а стапува во сила утре наутро.
Во однос на документот поврзан со Ковид-19, правилата остануваат непроменети, сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид, а МИА детално ги пренесува правилата за патување кај јужниот сосед.
Влез во Грција е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 35 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија, кои ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест.
За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.
Европскиот дигитален сертификат треба да ги содржи основните лични податоци, име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.
Втората опција е со потврда за прележан Ковид-19 по лабораториски тест со ПЦР метод или со брз антиген тест (рапид тест), а согласно министерската одлука, европскиот дигитален сертификат за прележана болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до180 дена од истиот.
Третата опција е со потврда за негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.
Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.
Во однос на електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), до 14 март се смета за неопходен документ за патување во Грција и треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код.
Сите посетители на Грција, независно од државјанството и начинот на влез во земјата, може да бидат подложени на случајни тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам.
Во случај на позитивен резултат при тестирањето на граница предвиден е петдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи.
Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на позитивните на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат маска со висока заштита или КН95 или двојна маска.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или поминале девет месеци од примената втора доза или немаат прележано Ковид-19 во изминатите три месеци, тогаш треба да бидат во петдневна изолација по последниот контакт со позитивното лице и на последниот ден да направат ПЦР или рапид тест.
Доколку блиските контакти се вакцинирани и со трета доза или не поминале девет месеци од втората или прележале Ковид-19 во последните 90 дена, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат на петтиот ден од контактот.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот.
Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос работното време.
Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.