По вчерашното рекордно поскапување на горивата, Регулаторната комисија за енергетика ја менува методологијата на корекција на малопродажните цени на нафтените деривати и наместо еднаш неделно, си остава простор цената да ја менува секој ден.
Информацијата вчера ја потврди првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски во писмена изјава објавена на веб сајтот на РКЕ.
„ Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени.
Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информираше Владата детално и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните“ – изјави Бислимовски.
Во моментов барел нафта од типот „брент“ на светските берзи се продава по цена од 126 долари што е некое ниво кое се држеше и во текот на вчерашниот ден. Но, цената осцилира и тоа најчесто во нагорна насока па нема да биде изненадување доколку во текот на денот повторно надмине 130 долари за барел.
Тоа би значело дека РКЕ може во текот на денешниот ден повторно да ја зголеми цената на нафтените деривати и од полноќ повторно да имаме поскапо гориво.
Во моментов литар БС98 чини 91.5 денари, БС95 се продава по 89,5 денари а дизелот има рекордна цена од 85.5 денари за литар.