Дали на депониите што се создаваат на отворено, конечно ги живеат последните денови од нивното постоење?. Може да се каже дека Скопје сега е почист град, иако сите заеднички имаме уште многу работа за да станеме европска метропола каква што сакаме да имаме. Сега на ред доаѓаат оние малите депонии, оние во приватните дворови на лица што уживаат да складираат разен отпад заради сопственото импулсивно чувство на поседување нешто за ако еден ден „затреба“ или што би рекле старите „остави го, ќе се најде“.
СКЛАДИРАЊЕТО ОТПАД ВО СОПСТВЕН ДВОР ИСТО ТАКА Е КАЗНИВО
Голем е проблемот со сопствениците на приватни имоти што ги користат истите тие и за депонии, па така, низ градот имаме голем број локации каде што се складираат разни отпадоци од автомобили, стари гуми, стара и ’рѓосана бела техника… Сето тоа, иако во мали количества, сепак е дел од скопскиот проблем со загадувањето.
Акцијата опфаќа евидентирање, пронаоѓање на сопствениците на имотот, задолжување со записник и решение за чистење на имотот во даден временски рок. Доколку субјектите не постапат по решенијата, имотот ќе го исчистат јавните комунални претпријатија на трошок на сопственикот. Огромен е проблемот на скопјани создаден од приватните имоти каде што има насобрано различно ѓубре и смет.
извор: novamakedonija.com.mk