Цените на нафтата и на дизелот дивеат на светските берзи, а состојбата очекувано се пресликува и во Македонија.
Достигнат е рекордот – бензинот БС- 95 се продава по цена од 89,5 денари, БС-98 има цена од 91,5 денари, а еден литар дизел чини 85,5 денари. Но, верувале или не, пред 10 години имало речиси исти цени на безнините како сега, но значителна разлика имало кај дизел горивото. Всушност, цената формирана на 9 април 2012 година го држеше рекордот сè до сега. Тогаш еуросупер со 95 октани чинел 89 денари, или само половина денар помалку од сега, безнинот со 98 октани имал цена од 90,5 денари, или 1 денар помалку од сега, но дизелот се продавал за 12 денари поевтино, односно неговата цена била 73,5 денари.
ЦЕНИ НА БЕНЗИНИТЕ
„Пари“ ги анализираше цените на дериватите низ годините и ги спореди со просечните плати. Податоците покажуват дека сега може да се купи повеќе бензин отколку по претходната рекорна цена од 2012 година, но повеќе литри се можни и од времето на Големата финансиска криза која во светот почна во 2007 година, а кај нас се прелеа во 2008 година, кога во првиот квартал е евидентирана и инфлација од 9,5 проценти.
* Просечната плата за март 2022 година се уште не е објавена, поради што ги користиме последните податоци кои се однесуваат на декември 2021 година.
Во 2008 година и во 2012 година, методологијата за утврдување на цените беше усогласена со Договорот со Окта, за разлика од сега кога пресметките се прават по методологијата утврдена од Регулаторната комисија за енергетика. Но, што се однесува до давачките кон државата, тие беа исти и тогаш и сега, освен акцизата за дизелот која е за повеќе од 3 денари поголема. Акцизата за бензините, сите овие години е околу 22 денари (отстапувања имало во децимали поради заокружување на бројките), а за дизелот, акцизата во цената од март 2008 била 12,326 денари за литар, во април 2012 – 12,297 денари за литар гориво, додека сега е 15,5 денари. Надоместокот за животна средина останал ист – 0,080 денари кај бензините и 0,030 денари кај дизелот, како и надоместокот за задолжителни нафтени резерви за што за бензините се наплатуваат по 0,890 денари за еден литар, а за дизелот по 0,3 денари за литар. Од другите параметри, по многу натегања со трговците во 2019 година кога престана да важи договорот со Окта за методологијата, почна да се пресметува „надоместок за трошоци за работење преку склад и трговска маржа “ и тој сега за БС-95 е 5,424 денари, за БС-98 е 5,361 денари, а за дизелот е 5,317 денари. Порано, место ова имаше трошоци за промет и тие за сите деривати беа 3,2 денари, но реакции имаше дека никаде не е вкалкулиран трошокот за склад.