Домашните банки кризната 2021 година ја завршија со рекорден профит во историјата на нивното постоење- заработија фантастични 149 милиони евра. Тоа е за речиси 31 милион евра повеќе од добивката која ја остварија во претходната кризна година 2020-та, кога прикажаа профит од 118 милиони евра.
Бројките покажуваат дека лани банките заработувале по 408.000 евра секој ден, дури и неработните денови за викенди, а на име профит на нивно конто месечно инкасирале по 12,4 милиони евра.
Податоците на Народната банка покажуваат дека само од камати и од провизии и надоместоци, банките лани наплатиле речиси 450 милиони евра од граѓаните и компаниите. Така, само од камати за кредитите, биле наплатени речиси 305 милиони евра, од кои 171 милион евра биле од домаќинствата. Нето-приходот од камати лани изнесувал речиси 255 милиони евра. Додека пак од провизии и надоместоци биле наплатени 143 милиони евра, од кои нето-приход им останале 91 милион евра. Во однос на претходната 2020 година има зголемување и на приходите од камати и на тие од провизии. Така 2020 година ја завршиле со вкупно наплатени 420 милиони евра од камати и провизии или 30 милиони помалку од лани. Од нив 301 милион евра наплатиле за камати или само 4 милиони помалку од лани, од кои нето-приход им останале 245 милиони евра или 9 милиони помалку од лани. Но, заработката кај провизиите лани е значтелно зголемена во однос на 2020 година. Па така во 2020 година имале 118,7 милиони евра наплатени провизии и надоместоци или за 24,7 милиони евра помалку од лани, нето приходот од провизиите во 2020 година им бил 78,8 милиони евра или 12 милиони евра помалку од лани.
Експертите одамна алармираат дека енормнните заработувачки на банките во земјава се должат на разликата меѓу ниските камати кои банките ги даваат за депозитите и високите кои ги наплатуваат за кредитите. Разлики, кои во земјава се драстично поголеми за разлика од регионот и Европа.
Бројките покажуваат дека и лани најдобро им одело на големите банки. Речиси целиот профит од речиси 150 милиони евра завршил кај петте големи банки. Тие прикажале добивка од 130 милиони евра. Кај средните банки завршиле 11,8 милиони евра, а малите прикажале добивка од 2,2 милиони евра. Добивката на Стопнаска банка е најголема и изнесува 40 милиони евра, потоа следува Комерцијална банка со 37,5 милиони евра и НЛБ Банка која за лани прикажа добивка од над 36 милиони евра.
2021 година | 2020 година | |
ДОБИВКА | 149 МИЛИОНИ ЕВРА | 118 МИЛИОНИ ЕВРА |
НЕТО ПРИХОДИ ОД КАМАТИ | 255 МИЛИОНИ ЕВРА | 245 МИЛИОНИ ЕВРА |
НЕТО ПРИХОДИ ОД ПРОВИЗИИ | 91 МИЛИОН ЕВРА | 79 МИЛИОНИ ЕВРА |
Извор: Народна банка |