Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и натаму продолжува да исплатува пензии на починати лица, поради што оваа важна финансиска институција за државата, и натаму трпи огромни финансиски штети. Од друга страна, Фондот нема доволно контролни механизми како тоа да го спречи, ниту присилни механизми како да си ги наплати штетите настанати по овој основ.
Ова го покажала ревизијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2020 година, која била правена лани од мај до септември.
Што е она што го констатирале ревизорите за пензиите на починатите лица? Оттаму не даваат прецизен податок колку точно пари се исплатиле на починати лица во 2020 година, но кажуваат колку изнесуваат побарувањата од граѓани по основ на извршени претплати на пензии, и колку од нив се спорни и сомнителни побарувања.
Дека овој проблем се провлекува со години, покажува и фактот кој може да се види од извештајот, а тоа е дека Фондот се уште не може да си ги земе парите од стари вакви случаи кои се провлекуваат од поодамна, уште од 2012 година.
ДЗР за ова препорачува одговорните лица на Фондот да преземат активности и контролни мерки за навремено откривање и постапување по утврдени неосновано исплатени пензии, како и да ги преземаат сите потребни правни дејства за наплата на побарувањата по штети.
извор: faktor.mk