Компанијата „Лимак“, која го гради мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“ во центарот на Скопје, беше дел од меѓународниот конзорциум од градежни компании кои го изградија најдолгиот висечки мост на светот „Чанак Кале 1915“ во Турција, кој беше официјално отворен за сообраќај на 18. март оваа година.
Со вкупна должина на мостот од 4.608 метри, централен распон од 2.023 метри и вкупна височина на кулата на мостот од 318 метри, мостот „Чанак Кале 1915“ е најдолгиот висечки мост со среден распон во светот. Мостот ги поврзува местата Галиполе на европска страна, со Лапсеки на азиската страна во Турција. Мостот е именуван во чест и сеќавање на една од најголемите битки за време на Првата светска војна која се случила во месноста Чанак Кале.
Во изградбата на мостот се употребени 177.000 тони челик со кој би можеле да се произведат приближно 128.000 патнички возила, како и 227.000 кубни метри бетон доволни за изградба на 5.900 станови од 100m². Вкупната должина на жиците кои се искористени на овој висечки мост достигнува 162.000km, што е четири пати повеќе од обемот на земјината топка.
Групацијата „Лимак“ со своите деловни активности е присутна во повеќе од 17 земји во светот, со повеќе од 60.000 вработени кои работат во неколку сектори: градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура и други дејности. Во портфолиото на „Лимак“ се и светски познати мега проекти, како новиот аеродром во Истанбул (Istanbul Grand Airport), меѓународниот аеродром во Кувајт, хидроцентралата „Јусуфели“, која откако ќе биде завршена ќе биде трета по големина брана во светот, како и многу други. „Лимак“ беше рангирана на 56 место на листата на 250 најдобри градежни компании во светот за 2021 година во рангирањето што го подготвува Engineering News Records (ENR).
извор: biznisinfo.mk