Во Шангај денес почнува карантин, односно заклучување на еден од најголемите градови во Кина со околу 26 милиони жители. Тоа е дел од стратегијата на Кина за борба против КОВИД-19.
Со тоа Кина го воведува најголемото заклучување на територија на еден град откако почна пандемијата на корона вирусот пред повеќе од 2 години. Шангај ќе биде затворен во две фази во текот на девет дена, а надлежните истовремено ќе ги тестираат граѓаните.
Шангајскиот финансиски кварт Пудонг и блиските наслеби ќе бидат затворени до петок затоа што почнува масовно тестирање ширум градот, соопшти локалната влада.Од петок натаму ќе биде затворен друг дел од градот западно од реката Хуангпу.
Жителите во текот на карантинот ќе мора да останат во своите домови, а испораката на нарачки ќе се врши на одредени места за да се осигура дека нема да има контакт меѓу луѓето. Сите компании кои не се сметаат за неопходни ќе бидат затворени, а јавниот превоз ќе биде стопиран.