Договорот за покачен минималец беше постигнат по неколку состаноци на Економско-социјалниот совет, односно по преговори меѓу Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци, при што се договорија за зголемување на минималната плата од 15 200 на 18 000 денари
Од денеска започнува исплатата на минималната плата од 18 000 денари за, како што наведува Владата, 80 илјади вработени од различни дејности. Минималецот, според последните законски измени, е зголемен за 2 800 денари од претходниот, чија сума изнесуваше 15 200 денари.
Договорот беше постигнат по неколку состаноци на Економско-социјалниот совет односно по преговори меѓу Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци.
Како што посочуваат од Владата, во договорот за раст на минималната плата е утврдена и методологија со која минималецот континуирано ќе расте.
„Дефинирано е дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума. Дополнително, државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни“,
наведуваат од Владата.
Во меѓувреме, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара усогласување на минималната плата со останатите плати, а пред два дена од тие причини спроведоа предупредувачки штрајк пред Владата и Собранието со цел изнаоѓање на договор. Доколку нивното барање за усогласување на платите со минималецот не биде исполнето, раководството на КСС најави генерален штрајк.
Минатата среда во Владата во рамки на Економско-социјалниот совет беше разговарано за ова прашање, но не се постигна конкретен договор по што КСС најави дека останува на ставот да се одржи предупредувачкиот протест.
И Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК), кој е дел од КСС, пред неколку дена оствари средба со Владата со цел усогласување на минималецот со другите плати во образовниот сектор, но не беше постигнат договор, а од Владата најавија продолжување на дијалогот со цел изнаоѓање заедничко прифатливо решение.
СОНК, пак, поради непостигнатиот договор најави генерален штрајк на училиштата и градинките од 11 април.