Студентите на најголемиот универзитет во земјава, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе добијат свој простор каде ќе можат да се дружат, работат, учат и забавуваат. Со стартот на следната академска година, Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ го најавува и отворањето на Студентскиот културен центар (СКЦ), кој ќе се наоѓа во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.
Студентскиот културен центар ќе претставува мултифункционален простор, каде младите ќе можат да работат и учат, но и да уживаат во богата културна програма креирана од самите студенти. Освен на „домашен терен“, мобилната опрема наменета за СКЦ ќе им овозможи на студентите да ги претстават своите таленти и на настани организирани во други градови и држави.
СКЦ – простор управуван од студентите за студентите
Студентскиот културен центар ќе биде простор управуван исклучиво од страна на студентите, согласно својата програма, дејствување и потреби. Овој простор на студентите ќе им овозможи да се организираат, дејствуваат и творат, вели за „Мета.мк“ Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Опремата и просторот на СКЦ ќе можат да ги користат сите студенти, без разлика на кој факултет студираат.
За програмата на центарот ќе се грижи координативен тим од студенти кои ќе ја креираат истата на неделно и месечно ниво.
Скопје има потреба од подобра културна програма
Во земјите од регионот, студентски културни центри функционираат со децении. Во Србија ги има неколку, лоцирани во речиси сите поголеми градови каде што има и факултети. Најстариот помеѓу нив, Белградскиот, е отворен пред повеќе од пет децении, во 1971 година.
Студентскиот културен центар ќе се наоѓа во просториите на канцелариите на УСС УКИМ, во палатата „Кузман“ во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.
Проектот „Студентски културен центар“ ќе има и своја мобилна варијанта, односно опремата наменета за физичкиот простор ќе биде подвижна. Ова подразбира дека студентите ќе можат своите изложби, концерти, претстави и работилници да ги презентираат во било кој град низ земјата и надвор.
Официјалното отворање на Студентскиот културен центар е планирано за во октомври, паралелно со почетокот на академската 2022/23 година.
извор: meta.mk