Бавното пристигнување на делови и компоненти за производство би можело да биде последица од украинската криза за Фиат од Крагуевац. Производството на Fiat 500 L е стопирано и нема да продолжи до 12 април.
Вработените не знаат каква е иднината на фабриката, но се надеваат дека конечно ќе се остварат добрите прогнози за производството на новиот модел, кои беа најавени од државниот врв пред крајот на минатата година. Претседателот на Самостојниот синдикат на Fijat plastik - Зоран Миљковиќ за N1 изјави дека од кабинетот на премиерката на Србија добиле неофицијални информации дека производството на Фиат ќе остане во Крагуевац, а дека од 2023 година ќе се произведуваат електрични модели, најверојатно моделот Fiat Panda. Но, сето тоа се шпекулации, се уште чекаме официјални информации“, наведува Миљковиќ.
Тој додава дека овие денови воопшто нема производство и дека нема да има до 12 април, а според него и за април се планирани само два до три работни дена.
Според Миљковиќ ситуацијата е многу тешка, но перспективата сепак може да биде светла.
„Овде работната сила е евтина, халите се нови, условите за бизнис се извонредни, бидејќи се знае дека не и плаќаат за потрошувачка на енергенси на нашата земја. Но, сето тоа засега изгледа сиво, бидејќи нема нов модел, нема информации, работиме само два, три дена во месецот“, прецизира Миљковиќ.
Тој наведува дека платите на работниците се „екстремно намалени“.
„Во моментов земаме минимална плата, што во денешно време е неприфатливо. Се надеваме дека тоа наскоро ќе се промени, во спротивно ќе мора да бараме друга работа, бидејќи од ова не можеме да живееме“, посочи Миљковиќ.