Повеќе од 3.000 работници во 60 компании низ Британија ќе тестираат четиридневна работна недела
Пробата на четиридневната работна недела првично треба да трае од јуни до декември, а ќе ги вклучи Кралското биолошко друштво, лондонската компанија за пиво Pressure Drop, една компанија за медицински помагала со седиште во Манчестер и продавница за риба и помфрит во Норфолк.
„Ове е поттик за компаниите да усвојат пократка работна недела, а она што е клучно е да го направат тоа без намалување на платите, а притоа да се стремат кон поголема продуктивност и подобрување на условите за работа“, пишува британскиот весник Гардијан.
„Гардијан“ потсетува дека претходниот обид да се воведе скратена работна недела беше во Рејкјавик, каде градските власти и националната влада вклучија повеќе од 2.500 работници во проектот.
Истражувањето доаѓа откако пандемијата поттикна многу луѓе и компании да ги преиспитаат нивните работни обрасци, се вели во весникот, со забележително зголемување на хибридните и флексибилни практики кои ја избегнуваат стандардната петдневна работна недела од девет до пет.
Џо О'Конор, извршен директор на 4 Day Week Global, изјави дека нема начин да се вратиме на времето пред пандемијата.
„Менаџерите и извршните директори се повеќе прифаќаат нов модел на работа кој се фокусира на квалитетот на резултатите, наместо на обемот на работни часови. „Работниците излегоа од пандемијата со различни очекувања за тоа што претставува здрава рамнотежа помеѓу животот и работата“, рече тој.
Некои компании веќе ја тестираа четиридневната недела меѓу нив се фирмата за широка потрошувачка Unilever, јапонската електронска компанија Panasonic и лондонската Atom Bank.
Марк Даунс, извршен директор на Кралското биолошко друштво, рече дека одлуката за воведување четиридневна недела е делумно одговор на „неверојатно конкурентниот“ пазар на труд.
„Ова е обид да направиме повеќе за да бидеме добар, иновативен работодавач, да привлечеме нов и да го задржиме нашиот сегашен кадар. Можноста за четиридневна работна недела прави огромна разлика при изборот на работодавач од страна на кандидатите. Одлично е за сите“, изјави Даунс.
Дел од вработените во оваа компанија се префрлија на работа на далечина за време на пандемијата. Според Даунс, минатата недела на вработените им било кажано дека ќе се воведе четиридневна работна недела, а одговорите на работниците досега биле позитивни.
Компанијата ќе остане отворена пет дена во неделата, но со работници кои се претежно поделени во смени од понеделник до четврток и од вторник до петок.