Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија денеска најавија дека на 14 април ќе стапат во генерален штрајк на работните места и простории кај работодавачот, доколку во меѓувреме не бидат исполнети поставените барања за итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработени во износ од 3.000 денари.
„Поради неуспешниот трипартитен дијалог помеѓу Управниот одбор на Пошта на С Македонија, Владата и Синдикалните организации на Пошта на Северна Македонија, и нереализирање на барањата на вработените и Синдикалните организации на А.Д. Пошта на Северна Македонија, Централниот одбор на Синдикат на Македонска пошта (СМП) и Извршниот одбор на Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија (СОПСМ) на 31 март донесоа одлука за започнување генерален штрајк“, соопштија синдикалните организации, кои на 19-ти минатиот месец го ставија во мирување најавениот протест поради почнатите преговори за нивните синдикални барања.
Причините за започнување на генерален штрајк, наведуваат, се однесуваат на загриженоста кај над 2.200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места, незадоволството од нереализирање на барањето за линерно покачување на нето платите на вработените во висина од 3.000 денари кои не се покачени повеќе од 30 години, супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа, незадоволство на вработените од постоечката систематизација и нереализирање на дел од барањата на вработените и синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15 октомври минатата година.
„Со оглед на законското определување на времетраењето на постапката за помирување, штрајкот ќе биде во мирување до нејзиното завршување. Доколку не успеме да ги решиме взаемните проблеми на мирен начин со помирувањето, Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија започнуваат со генерален штрајк на ден 14.04.2022 година со почеток во 08.00 часот, на работните места и простории кај работодавачот. Штрајкот ќе трае до исполнување на барањата на штрајкувачите, односно до склучување на спогодба. Работата на А.Д. Пошта на Северна Македонија, ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно Законот за поштенски услуги член 49 и Колективниот договор на ниво на работодавач, и тоа се до прифаќање на барањата на Синдикатите од страна на АД Пошта на Северна Македонија“, стои во соопштението.