Владата на Косово усвои денеска нацрт-закон кој се однесува на измените и дополнувањата на законите со кои се отвора патот на зголемувањето на минималната месечна плата на 250 евра нето, односно 264 евра бруто, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерот за финансии, Хекуран Мурати, кој го образложи предлогот, изрази уверување дека Собрнието ќе го изгласа владиниот предлог, со кој се одредува минималниот надоместок за работен час да изнесува 1,5 евра.
Мурати рече дека со нацрт законот се настојува да се елиминира правната несигурност околу минималната плата на национално ниво.
– Нацрт-законот има за цел да ги дополни и измени законите кои ја поврзуваат сумата на бенифиции или надоместоци со минималната плата, како и да го промени даночниот степен на личните примања. Минималната плата е инструмент на пазарот на труд и треба да служи замо за таа функција, рече Мурати.
Со нацрт законот исто така е предвидено да не се плаќа данок на личните примања до 3.000 евра годишно, односно 250 евра месечно.