Најголемиoт дел од граѓаните сметаат дека најголем пријател на Северна Македонија е Србија.
За речиси 39 отсто од испитаниците, Србија е прв избор на пријателство, што е повеќе од двојно повеќе од довербата на втората земја на листата – САД со 17 отсто. Интересен е падот на Европската Унија, за која оваа година, споредено со 2020 се изјасниле само 8 отсто.
До овие сознанија дошла Опсерваторијата на имиџот и влијанието на државите е постојан проект на Институтот ПРЕСПА, преку анкета спроведена на репрезентативен примерок на национално ниво од 1.002 полнолетни испитаници, спроведена во периодот од 10 јануари до 23 јануари 2022.
Првите две земји, Србија и САД, доминираат кај сите демографски групи и кај сите главни прашања. Ако се анализираат односите со соседите, тогаш за мнозинството наши граѓани државава има многу добри или добри политички и економски односи. Притоа, за нијанса подобро се оценети економските односи, споредено со политичките.
Ако се бара најголемиот пријател, тогаш и кај соседите Србија е на врвот, додека последен избор е Бугарија. Помеѓу нив следуваат Албанија, Косово и Грција. Притоа, појаснувањата се врзуваат со политичките спорови од актуелниот период, но и од минатото, етничката недоверба или блискост, како и пандемијата, постпандемиската економска криза и актуелната инвазија на Украина.
Во однос на економското присуство, подиумот за 2020 година го сочинуваат: 1. Турција; 2. Обединетото Кралство; и 3. Германија. Притоа, Обединетото Кралство прави скок од дури седум места.
Во однос на политичкото присуство, за 2020 година, редоследот е следниот 1. Германија; 2. Полска; и 3. Унгарија. Притоа, двете највисоко рангирани држави прават сериозен скок за да го окупираат врвот. Германија бележи скок од 5 позиции, додека Полска прави скок од 9 позиции.
Во однос на мекото присуство, подиумот за 2020 година го сочинуваат: 1. Турција; 2. САД; и 3. Бугарија.
Државите кои се традиционално на врвот, покрај соседна Србија се Германија, САД и Турција.
Од друга страна, најблиските случувања од политичката криза на масовното прислушување и „бомбите“ биле искористени за значително засилување на присуството на Руската Федерација, како и минимално подобрување на позициите на Кина и уште неколку други малигни актери. Соодветно, како одговор на политичката криза и демократското опоравување на државата се бележи промена во присуството и засилено присуство на нашите западни партнери, во овој случај на Обединетото Кралство и Холандија.