„Прв дојден – прв услужен“ и воведување на квота од 5 отсто опфатеност на Ромите, учество на младите лица до 29 години со најмалку 30 отсто – ова се новите критериуми во новиот Оперативен план за вработување за 2022 година, пишува Порталб.мк. За оваа година предвидено е рекордно највисок износ од 28 милиони евра за отворање на нови работни места за таргетирана група невработени.
Вработување на младите – најдлабока стапка на невработеност кај лицата до 24 години
Од вкупниот број на невработено работоспособно население, 63,3 отсто се на возраст од 25 до 49 години, а 16,6 отсто се на возраст од 15 до 24 години. Останатите 20 отсто се на возраст поголема од 50 години. Според сумираните податоци на Заводот за статистика за 2021 година и натаму, најголема стапка на невработеност од 36,4 отсто има кај лицата до 24 години и таа во споредба со 2020 година е зголемена, кога изнесувала 35,7 отсто.
Стапка на невработеност 2021
Од 15 до 24 години 36,4%
Од 25 до 49 години 15,0%
Од 50 до 64 години 12,2%
Извор: ДЗС
Новиот оперативен план за вработување за годинава тежи 28 милиони евра, а планирано е да се вработат и обучат околу 15.000 лица. Во голем дел од мерките опфатени се и младите луѓе до 29 години. Една од опциите е Програмата за самовработување преку која се нуди пристап и до скоро 10.000 евра, грант средства. Но доколку во рок од две години новооснованата фирма се затвори или на корисникот на грантот му престане работниот однос (освен во случај на неспособност или смрт), тогаш парите ќе мора да се вратат во износ од 60 отсто до 80 отсто, а лицето го губи правото да се врати во евиденцијата на невработени во период од 3 години.
Една од мерките која предвидува вработување 1.528 лица е „Поддршка за креирање на нови работни места“ а со оваа програма се опфаќаат повеќе категории на невработени, како и оние кои ја изгубиле работата поради Ковид кризата. Фирмите кои сакаат и можат да креираат работни места ќе добијат конкретна финансиска поддршка.
„19.000 денари вкупно месечно како субвенција на плата на вработено лице 3, 6 или 12 месеци“ – се наведува во Оперативниот план. Но и овие средства се условени со задржување на работникот во определен период, фирмата да нема финансиски загуби и навреме да ги плаќа обврските кон државата…
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА