Грција од 1 мај ќе ја зголеми минималната плата по втор пат оваа година, најави премиерот Киријакос Мицотакис, предупредувајќи дека инфлацијата силно ги погодува приходите на домаќинствата
„Зголемената инфлација ширум светот ги погодува граѓаните со ниски примања. Од 1 мај минималната плата ќе се зголемува за 50 евра месечно на 713 евра месечно“, рече Мицотакис во телевизиско гостување. - јавува Канал 5.
Владата во јануари ја зголеми бруто минималната плата за околу два отсто на 663 евра, што значи дека со новото зголемување минималната плата ќе се зголеми за вкупно 9,7 отсто. Инфлацијата во Грција во март се искачи на 8,9 отсто, што е највисоко ниво во последните 27 години, поттикната од вртоглавиот раст на трошоците за енергија кои ги туркаат приходите на домаќинствата.
Природниот гас поскапе за 68,3 отсто на годишно ниво, а струјата за 79,3 отсто. Илјадници луѓе излегоа на улиците на Атина претходно овој месец за да протестираат против, како што рекоа, „продлабочувањето на кризата“ предизвикана од зголемените цени. „Заедничката агонија што ја гледам на лицата на сите граѓани е високата цена на меѓународната енергетска криза и војната во Украина, цената на струјата, цената на бензинските пумпи и полиците на супермаркетите“,нагласи грчкиот премиер.
Тој призна дека платите во Грција се „навистина ниски“. „Раната десетгодишна финансиска криза сè уште не е заздравена, а сегашниот пораст на цените ширум светот првенствено ги погодува оние со ниски примања и невработените. Мојата одлука денес е фокусирана на нив“, рече Мицотакис.
Од лани, Владата потрошила околу 4 милијарди евра за субвенционирање на сметките за струја и гас за домаќинствата, компаниите и земјоделците. Неделава известија и дека се работи на план за „одлучна“ интервенција во цената на струјата за да се ублажи притисокот врз потрошувачите, доколку Европската Унија наскоро не преземе нешто за решавање на овој проблем.