Кога сакате да побарате покачување на платата, најдобро за вас ќе биде да разговарате со работодавецот и да му презентирате вашата вредност за работното место, но и да му дадете до знаење дека навистина ви е потребно покачување.
Во никој случај не пробувајте да бидете премногу директни и само да побарате повеќе пари поради тоа што сакате да си дозволите некој луксуз, бидејќи мали се шансите дека на тој начин ќе ви биде зголемена платата.
Пробајте да го поставите барањето како формула во главата, за да ви биде појасно. Најлесно би било да се објасни преку равенка која би изгледала вака: Вовед + вашата вредност + посакувана плата + заклучок.
Вовед: Најпрво, почнете со мал вовед кој ќе го потсети работодавецот зошто ве вработил и кој сте вие. Можете да пробате со нешто како: „Ви благодарам што одвоивте време за мене. Работев тука (пр. Кајгана) веќе подолго време (пр. 5 години), и за сето тоа време помогнав оваа компанија да напредува, а и јас напредував заедно со неа“.
Вашата вредност: Потсетете го работодавецот која е вашата вредност за компанијата и зошто сте вие важни за работното место. На пример: „Секојдневно напорно работам и носам нови клиенти во компанијата, кои решија да имаат доверба во нас, со што нашата компанија забележа голем профит. Стандардната плата за некој на моето работно место е некаде околу 30.000 денари“.
Посакуваната плата: Откако ќе ја презентирате вашата вредност, кажете колкава плата барате. Напоменете и зошто би сакале покачување. Тоа би можело да изгледа вака: „Сакам мојата плата да биде соодветна со мојата вредност за компанијата. Навистина би ми значело да добијам покачување од барем 3.000 денари месечно, бидејќи сакам да купам нов автомобил, па затоа би ми бил значаен секој денар повеќе“.
Заклучок: За крај, покажете дека знаете да го завршите разговорот, без разлика на исходот. Пробајте со: „Посветен сум на работата и сакам да му помогнам на нашиот тим да биде подобар и во наредниот период. Ви благодарам што ме сослушавте и ја почитувам вашата одлука“.
Сепак, и покрај вака поставената формула, пробајте вашиот разговор да не звучи како да следите сценарио, туку направете го жив и вметнете свои елементи. Никогаш не може да штети доколку вметнете некоја шега во ваквиот разговор, а може многу да придонесе доколку успеете да го ставите вашиот работодавец во подобро расположение.
kajgana.com