Група научници од Европа, организирани од Македонското еколошко друштво – МЕД, веќе 15 години истражуваат една таква зачувана природа – македонскиот остров Голем Град, кој се наоѓа во водите на Преспанско Езеро.
Голем Град е последното скривалиште на природата. Лесно е да се заклучи дека изгледа древно, дрвјата наликуваат на прастари, површината е со камења и карпи распослани како од првиот ден кога се нашле на островот, но и недоброј желки, змии, птици рибарки. Тоа веднаш се забележува и во филмуваниот материјал, кој неодамна го промовираа МЕД – Скопје, во рамките на проектот „Зачувување на билошката разновидност во прекугранична Преспа”, финансиран од фондациите „Преспа – Охрид” и „Ааге В. Јенсен” и со поддршка на „Еуронатур”.
– Отсекогаш сакав да дојдам на Голем Град, уште од мал првпат кога го видов, можеби некаде во раните 90-ти кога моите родители ме донесоа на некоја екскурзија. Слушнав, го нарекуваа змиски остров, а од малечок бркам змии, желки гуштери… Логично беше да отидам на место што се вика змиски остров, вели д-р Драган Арсовски, проектен координатор во Македонско еколошко друштво – МЕД.
Додава дека секој што би го посетил Голем Град треба да ужива во тоа што го гледа, но не да го оштетува островот, и посебно да не ги допира, краде или уништува малите желки.
Според истражувањата на научници од државата и странство, на островот Голем Град, освен желки, има илјадници змии, влечуги, птици… Тие велат, Голем Град е мал европски скапоцен камен со недопрена природа, како од времето на настанокот на планетата Земја.
– На островот Голем Град првпат дојдов пред 15 години и сè уште немам видено ваков природен систем исполнет со мир и убавини, кои се единствени не само во Македонија туку сигурна сум и во цела Европа. Желките на Голем Град, кои претставуваат една од најгустите популации на жумски желки во светот, живеат без луксуз, а имавме можност да видиме случаи на желки без грам масно ткиво. Тие се вистинско перпетуум-мобиле. Зачудувачки е како со толку малку храна, без вода, бидејќи ретко пијат вода, тие се парат, се движат и се однесуваат нормално. Желките на Голем Град се мал совршен вид. Навистина се неверојатни! Човек не може да поверува со колку малку може толку многу едно живо битие да опстане. Кога ние дојдовме да истражуваме на островот имаше околу 10.000 змии и затоа некогаш овој остров го нарекувале змиски остров. Но, за жал, овој рај за нив, и пад на популацијата е прекинат со илегалниот риболов. Тоа треба да се спречи за да може популацијата да се обнови, вели д-р Љиљана Томовиќ, професорка на Факултетот за биологија при Универзитетот во Белград, Србија.
На островот Голем Град е забележана најгустата популација од змијата поскок. Маркирани се околу 600 поскоци, а проценката е дека има околу 1.500 – 1.800 единки, кои живеат на површина од 18 хектари, што значи 100 единки мал џуџест поскок на еден хектар, што, според научниците, е неверојатна густина на популацијата.
– Змијата поскок на Голем Град има интересна исхрана и се надевам дека ќе видам како нивниот отров по одредени компоненти се разликува од отровот на останатите змии поскок што живеат на копно, појасни Маргарета Лакушиќ од белградскиот Универзитет.
Д-р Ксавиер Боне од Центар за научни истражувања од Франција ни опиша дека Голем Град наликува на килим од змии и желки.
– Тука е вистински рај, вели Боне за оваа македонска природна реткост, по малку зачуден за тоа како луѓето досега не му наштетиле на тој див свет.
Посветеноста на Македонското еколошко друштво – МЕД и грижата за Голем Град е голема, особено за зачувување на популацијата што живее на островот.
– Важно е да се знае дека стапката на преживување кај желките женки е драстично мала. Според нашите податоци, секоја година 20 проценти од возрасните женки не преживуваат. Тоа секако дека не е одржливо и тоа го дознавме откако ја склопивме целата истражувачка сложувалка. Од друга страна, мажјаците преживуваат со 97 проценти, и тоа е очекувано за еден таков долгоживеечки организам. Освен тоа, островот е под закана од неорганизирани туристички посети и илегален риболов, и на тој план се потребни јасни превентивни мерки, нагласи проектниот координатор д-р Драган Арсовски.
Голем Град, последното скривалиште на природата, пренесува чувство на исцелителна моќ, а разновидниот див свет и природната убавина, лековито дејство, велат режисерот и монтажер на видеото Џорџ Стамкоски и Тони Стојановски, камерман одговорен за визуелниот дел на проектот.
Според Фросина Пандурска-Драмиќанин, автор на видеото, теренските посети на уникатните места сведочат за посветеноста на истражувачкиот тим, а музичката илустрација изработена од мултимедијалниот уметник Дејан Спасовиќ во целост ја пренесува публиката на тоа, како што вели, митско место и сите времиња низ кои поминува тој прекрасен остров. И, затоа порачуваат од МЕД, секој треба да го погледне видеото.