Чекањето во долги редици со часови и обемната документација при вселување во студентските домови за студентите во Скопје станува минато. Постапката при упис во домовите се дигитализира и веќе од следната академска година вселувањето ќе се одвива побрзо и полесно, информираа од Државниот студентски дом – Скопје (ДСД- Скопје).
Студентите на денот на вселување повеќе нема да носат хартиени документи составени од барања, уплатници и договори, туку сетоа тоа ќе можат да го направат електронски преку новиот систем на ДСД – Скопје.
Постапката за аплицирање во студентските домови, во меѓувреме, останува иста. Покрај тоа што студентите аплицираат електронски, останува потребата документите да бидат доставени во Министерството за образование и наука (МОН), под чија надлежност е постапката за аплицирање.
Дигитализацијата при вселувањето, пак, ќе овозможи и плаќање на станарината преку унифицирана студентска картичка, каква што ќе добие секој студент сместен во студентските домови. Дигитализацијата на процедурите се спроведува во трите студентски домови под надлежност на ДСД – Скопје – „Гоце Делчев“, „К.Ј. Питу“ и „Стив Наумов“. Целта е да се избегнат редици и целиот процес да биде побрз и олеснувачки, како за студентите, така и за администрацијата на домот, вели Виктор Велевски, директор на ДСД– Скопје.
„Дигитализацијата овозможува плаќање на станарината преку унифицирана студентска картичка која ќе ја добие секој студент кој престојува во ДСД – Скопје. Дигитализацијата овозможува автоматско генерирање на договорите за сместување со што се олеснува процесот на сместување и избегнување на редици пред студентските домови. Воедно, со инсталација на овој софтвер се олеснува и административното работење, а овозможува дигитализирање и на сите дејности кои ги извршува студентскиот дом како економски оператор – Booking, Airbnb, исхрана и слично“, вели Велевски за „Мета.мк“.
Од ДСД – Скопје појаснуваат дека унифицираната студентска картичка овозможува и користење на машините за рециклирање на пластична амбалажа, кои беа пуштени во употреба неодамна и преку кои студентите добиваат поврат на средства од секоја рециклирана амбалажа.
„Со дигитализацијата, односно со воведување на студентската картичка, средствата кои студентите ги прибираат по основ на рециклирање ќе можат да ги користат во бифеата на ДСД – Скопје, а исто така ќе може да внесуваат и парични средства на истата за плаќање на станарината по електронски пат“, додава Велевски.
Чекањето со часови пред вратите на студентските домови изминативе години беше еден од главните проблеми со кои студентите од внатрешноста се соочуваа на почетокот на секоја академска година. Уписите траеја со денови, а неретко студентите беа враќани и по неколку пати поради нецелосна документација, како и поради падови и грешки во системот на ДСД – Скопје.