Дали ваквите разлики се должат само на слободните пазарни законитости и на конкуренцијата која кај е присутна во малопродажбата, или пак, на бранот на зголемување на цените односно на инфлацијата некои се обидуваат да заработат повеќе, и на тој начин да остварат екстра профит?
Од средства за лична хигиена, како што се сапуните и тоалетната хартија, до разни услуги, како што е потстрижувањето, производителите, занаетчиите и трговците како да почнаа во цените да ги вградуваат не само зголемените производствени трошоци, туку и очекувањата за наредниот период.Анализира Независен.мк
Па, така, во маркетите се почесто се случува за едни исти производи да има драстично различни цени – на пример во еден синџир маркети плински боци за домашна употреба да чинат 39 денари (за околу девет денари поскапо во однос на претходниот период), а во друг истиот производ се продава по цена од 71 денар. Хартијата за печатење, која до неодамна чинеше 260 денари, сега е 360 денари за едно пакување, а некаде достигнува и до 460-470 денари. Или, увозен кроасан од ист производител, на едно место да е 32 денари (до скоро цената беше 28 денари) а во друг да биде 41 па и 43 денари, говедската кртина некаде е 376 денари за килограм, на друго место 609 денари…
Засега никој не излегува со вакви анализи, но граѓаните очигледно треба да отворат четири очи пред да се решат да купат некој производ. Граѓаните сѐ повеќе се жалат дека во трговијата цените на одредени производи несразмерно се зголемуваат во однос на повисоките трошоци за енергија.
На прашањето дали од страна на инспекциските служби се преземаат активности и мерки за откривање и санкционирање на ваквите злоупотреби, од владината прес-служба Независен.мк го добиле следниот следниот одговор:
„Цените на производите се пазарни и нив ги формираат трговците врз основа на вкупните трошоци, а тука не влегува само цената на електричната енергија. Пазарната инспекција врши континуирани надзори на цени во насока на тоа дали трговците се придржуваат кон одлуката за посебни услови во трговијата со која се регулира маржата и вкупната цена.
По неколку пријави, извршена е контрола за производи кои немаат маржа, но не се утврдени прекршувања на одлуката, односно констатирано е дека цените се од производителот односно по набавна вредност. Ги охрабруваме граѓаните да реагираат и да ги пријавуваат секој случај за кој сметаат декa е нереално зголемување на цените“, се вели во одговорот од прес-службата на Владата.
Инаку, инфлацијата, според сите анализи кај нас и во странство, ќе потрае повеќе отколку што се предвидуваше.
Целиот текст на Независен.мк