Расте бројот на приватни сместувачки капацитети во Берово, потврдуваат од локалната самоуправа.
Велат дека за година дена имаат 40 нови легла, односно 20-тина соби за сместување на туристи. Додаваат дека се градат нови вили, а постоечките се реновираат. Од Општина Берово објаснуваат дека нови капацитети има во центарот на градот, на Беровското Езеро и во населбата Албаница. Граѓаните гледаат иднина во туристичкиот сектор, а од општината се надеваат дека во годините кои доаѓаат ќе имаат туристи во текот на 12 месеци.
„Има нови соби, апартмани, вили, а во оние кои веќе постојат, граѓаните се свесни дека мораат да ги подобрат условите. Сега имаме летен и зимски бран, но се надеваме и целиме кон тоа во иднина да имаме туристи преку целата година, односно 12 месеци. Имаме домашни гости, странски туристи од Европа и САД кои доаѓаат во хотелите, и тоа претежно во летниот период, додека во зимскиот период имаме гости од Бугарија. Чекориме бавно, но храбро. Дури и во две околни села веќе има сместувачки капацитети за туристи“, велат од Општина Берово.
„Јас имам еден апартман, а сега планирам да направам уште еден во куќата во која живеам. Имам гости кои доаѓаат и седат со месеци, пензионери, постари луѓе. Сметам дека граничниот премин Клепало многу ќе помогне за привлекување на туристи, ќе бидеме транзит, и тоа ќе донесе повеќе гости од Бугарија. Треба поголема промоција на градот за да доаѓаат странци. Сега оние странци кои доаѓаат, одат во хотелите, а во приватното сместување се претежно домашните гости“, раскажува беровчанка.
Тони Кантурски, сопственик на Хестиа апартмани вели дека Берово полека се движи во нагорна линија, а ако има повеќе капацитети, ќе има и повеќе туристи.
„Простор за работа има, заинтересираност има. Оди Берово полека во нагорна линија, но таа линија треба да биде малку поостра. Доколку има повеќе капацитети, ќе има и повеќе гости. Треба да се работи на инфраструктура, но и на забавни содржини кои ќе ги задржат туристите не само ден, два, за викенд, туку неколку дена или недела дена“, рече Кантурски.