Платите на просветните работници во средното и основното образование ќе пораснат за 15 проценти од септември.
Ова е договорот кој вечерва го постигнаа Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука. По денешната средба тие соопштија дека нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот и дека истите работи ќе важат и за вработените во градинките.
Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со потсредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.