Корисниците на паметни часовници се добро свесни за функцијата за следење калории. Некои, згора на тоа, ја користат оваа бројка како веродостојна мерка, особено кога се обидуваат да добијат или изгубат тежина.
Но, истражувањето објавено претходно оваа година покажа дека паметните часовници се речиси бескорисни во следењето на потрошувачката на калории. Имено, 30 здрави машки и женски испитаници користеле Apple Watch Series 6, Fitbit Sense и Polar Vantage V.
Носејќи ги овие паметни гаџети, испитаниците кревале тегови, трчале, возеле велосипед, пешачеле, па дури и седеле. Истражувачите користеле сензор за отчукувањата на срцето Polar H10 и спироергометар MetaMax 3B како референтни уреди, пренесе GSM Arena.
По опсежното тестирање, се покажа дека Apple Watch, FItbit Sense и Polar Vantage V се прилично лоши во следењето на калориите во речиси сите активности. Покрај тоа, просечното отстапување од вистинската дневна потрошувачка било крајно непредвидливо и многу варирало, па може да се каже дека овие паметни часовници во следењето на калориите се бескорисни.
Исто така, интересно е да се забележи дека потрошувачката на калории што ја покажуваат паметните часовници најмногу се разликувала кај поединците кои имале помала или поголема потрошувачка од просечниот човек. Додуша, Apple Watch бил доста сигурен во следењето на отчукувањата на срцето во сите активности, додека Polar Vantage V и Fitbit Sense малку се „сопнале“, во зависност од вежбата.
Сите тие се покажале како добри во следењето на чекорите, што секако е позитивно.