„Вработените се подготвени за хибридна работа, дали сте и вие?“, Ова истражување е спроведено на примерок од 28.000 луѓе од 27 земји.
Хибридниот начин на работа позитивно влијаеше на менталното здравје на вработените, го балансираше приватниот и деловниот живот на вработените и ја зголеми продуктивноста на секој поединец во компаниите - се некои од основните заклучоци на истражувањето на Cisco Systems.
Целта на истражувањето беше да се открие колку луѓето се подготвени за хибридниот начин на работа, кој во последните две години го применуваат се поголем број компании. Cisco има насочено пет аспекти - емоционален, финансиски, ментален, психолошки и социолошки.
Пораст на продуктивноста на вработените
Според The Economic Times, шест од 10 вработени веруваат дека продуктивноста на тимовите е видливо зголемена, сето тоа благодарение на хибридниот начин на работа. Кога се гледа на индивидуално ниво, 60 проценти од нив чувствуваат дека се побрзи во извршувањето на нивните секојдневни задачи. И покрај првичните мислења дека ќе има пад на бројот на завршени задачи, 76 отсто од испитаниците рекле дека по одреден период на приспособување почнале да извршуваат ист број задачи без разлика дали се дома или во канцеларија.
Подобар баланс на приватниот и деловниот живот
Дури 79 отсто од вработените се согласуваат дека хибридната работа го подобрила нивниот однос со семејството и пријателите и дека конечно го балансирале приватниот и деловниот живот. 62 отсто од нив истакнуваат дека хибридниот режим на работа им овозможил пофлексибилен распоред. Имено, две третини од луѓето, поточно 64 отсто, наведуваат дека заштедиле речиси четири часа дневно, кои најчесто ги трошат на возење, спремување и кратки паузи, додека остатокот од таа бројка оди и до осум часа. Од друга страна, речиси половина од испитаниците сметаат дека натамошното спроведување на хибридниот начин на работа лошо ќе се одрази на меѓучовечките односи на вработените.
Дали компаниите се спремни за хибридна работа?
И покрај сите поволности што ги наведуваат вработените и работодавачите, само секој четврти испитаник верува дека неговата компанија е подготвена за целосно воведување на хибридна работа и дека целосно разбира што значи тоа.
- Јасно е дека хибридниот начин на работа уште долго ќе остане во нашите животи. Се покажа дека вработените и работодавачите гледаат голем број придобивки на овој начин, почнувајќи од подобрување на менталното здравје и рамнотежата на приватниот и деловниот живот до зголемување на продуктивноста на работниците - рече Анупам Трехан, портпарол на Cisco APJC и додаде дека сè уште мора да се работи на подобрување на хибридниот систем.
Ова го поткрепува и фактот што седум од 10 испитаници веруваат дека нивната компанија мора да ја промени својата деловна политика и култура пред да воведе хибридна работа. Генерално, вработените најмногу се плашат дека ненадејното и непромислено спроведување на овој облик на работа може да доведе до пад на довербата, односите меѓу колегите и квалитетот на работата.
Но, тоа не го намалува фактот дека три четвртини, поточно 71 отсто, сè уште сакаат да го задржат хибридниот режим во иднина. Петтина од нив сакаат да работат со полно работно време дома, додека само 9 отсто од испитаниците би го замениле домот со канцеларија.