ЖЕНЕВА - Глобалниот пазар на труд е во опасност да направи пресврт од 180 степени на патот кон закрепнување и враќање на нивото пред Ковид-19, бидејќи затворањето поради Ковид во Кина и војната во Украина вршат притисок врз економиите, изјави Меѓународната организација на трудот ( МОТ) во новиот извештај објавен денес.
Оваа Агенција на Обединетите нации проценува дека имало 112 милиони помалку работни места со полно работно време во првиот квартал од 2022 година во споредба со нивото пред кризата и предупредува дека постои растечки, но неизвесен ризик дека работното време ќе продолжи да се намалува во текот на оваа година - пренесува Ројтерс.
Според извештајот, Кина учествувала во вкупниот пад на работните часови со 86 отсто поради воведените мерки за спречување на ширењето на ковид, а нарушувањата во глобалниот синџир на снабдување, кои беа влошени со војната во Украина, се закана за натамошен пад, пренесува Танјуг.
Генералниот директор на МОТ Гај Рајдер изјави за новинарите дека тие бројки веројатно не ги вклучуваат последиците од војната во Украина.
Во извештајот на МОТ се посочува дека изгледите за развој на состојбата на пазарот на трудот се затемнети и се предвидува дека недостигот на работни места со полно работно време во вториот квартал ќе достигне 123 милиони, наспроти нивото пред пандемијата.
„Постои многу реална опасност во следниот извештај, кога и да го објавиме, бројките да покажат прилично нагло влошување на состојбата на пазарот на трудот“, рече Рајдер.
Зголемената инфлација, поттикната главно од цените на енергенсите и проблемите со синџирот на снабдување, исто така претставува ризик во однос на отежнување на економското закрепнување и закрепнувањето на работните места, доколку платите на работниците не го следат растот на цените, соопшти МОТ.