Акцијата за намалување на потрошувачката на уличното осветлување во општина Карпош е во тек. Засега, целосно е завршена во урбаните заедници Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Тафталиџе 1, Влае 1, Влае 2 и Злокуќани, каде што во текот на ноќта свети секоја втора светилка.
Во урбаната заедница Кузман Јосифовски Питу, во најголем дел е завршено со овој зафат на штедење. Од среда ќе се работи на улиците „Леринска“ и „Ловќенска“ со сите нејзини краци.
– Речиси целосно е завршена редукцијата на осветлувањето во урбаните заедници Пецо Божиновски-Кочо и Владо Тасевски. Во оваа месна заедница треба да се направат интервенции на улиците „Бахар Моис“ и „Њуделхиска“, а во Жданец на улица „Нерешка“ – информираат од општина Карпош.
Во Бардовци завршено е со редуцирање на половина од уличното осветлување, а од денеска ќе се работи на другата половина. Од денеска се почнува со работа во Нерези, Тафталиџе 2 и Карпош 4, каде што сè уште светилките се гасат во 1 часот по полноќ. Екипите работат и на заштеда на светилките на кејот на реката Вардар каде што во најголем дел работата е завршена.
– Секретарите на месните заедници се задолжени во ноќните часови да ги проврат сите интервенции на уличното осветлување и ако има неусогласеност со новиот систем на осветлување – да свети секоја втора светилка, треба да го известат секторот за екологија и енергетска ефикасност. Ги молиме граѓаните за евентуални дефекти и оштетувања да пријавуваат кај секретарите на месните заедници – велат од Општина Карпош.