Не запира растот на потрошувачките и станбените кредити. И покрај кризата, граѓаните не размислуваат дали да земат кредит за да задоволат некоја тековна потреба, или, пак, за да купат стан, покажува анализата на Фактор.
На крајот на април годинава домаќинствата во земјава вкупно должеле 1,744 милијарди евра, или за 8,3 милиони евра повеќе во однос на март, што значи задолжувањата растат за над осум милиони евра за потрошувачки кредити.
Потрошувачките кредити граѓаните најмногу ги користат за купување на предмети од бела техника, реновирање, школување, но некогаш и за купување автомобили.
Станбените кредити најбрзо растат, особено во последниов период откако граѓаните изгледа решија да инвестираат во купување станови, што неверојатно ја зголеми и нивната цена, достигнувајќи дури и до 1.300 евра во помалку атрактивните локации.
И кај кредитните картички има зголемување на задолженоста, така што по тој основ граѓаните на крајот на април должеле 165 милиони евра.
Дел од банките веќе стартуваа со зголемување на каматните стапки, и на депозитите и на кредитите, што значи дека времето на евтините кредити заврши.
Во април, вкупните кредити на домаќинствата се зголемени за 0,5 отсто на месечно ниво, како резултат на речиси подеднаков раст на кредитите во денари и во странска валута. На годишно ниво е забележан раст од 7,8 отсто, којшто во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.