Најновиот бран поскапување на производите во малопродажба, особено кај основните прехрамбени продукти дополнително ја зголеми загриженоста кај граѓаните. Стравот од понатамошен раст на цените уште повеќе се зголеми, а со тоа и дека животниот стандард ќе се намали дополнително.
Како да се заштити животниот стандард е неминовно прашање, но и дали кон подобар стандард на сите граѓани може да придонесе поголема вработеност, односно поголема ангажираност на работоспособното население.
Последните податоци на Државниот завод за статистика добиени со пописот спроведен минатата година, велат дека во Македонија работоспособно население на возраст од 15 години и нагоре достигнува 1.525.366 лица. Притоа од нив, 717.769 лица се активното население, односно лица кои работат или бараат работа. Од нив 608.520 лица се вработени, а 109.249 лица се невработени. Бројот на неактивните лица изнесува 768.549.
Ваквите бројки според економистите се еден позитивен знак во целиот овој турбулентен период исполнет со неизвесност и нестабилност.
И покрај намалувањето на невработеноста, се поголеми и почести се укажувањата на граѓаните дека иако работат, сметаат дека се сиромашни, односно дека немаат доволно средства за релаксација, и дека најголем дел од финансиите ги трошат на основни потреби. Граѓаните посочуваат дека се дополнително загрижени оти со инфлацијата која не зафати последниве месеци парите ќе се трошат само на основни продукти.
Од вчера престана да важи намалувањето на ДДВ кај дел од прехрамбените производи, па сега тој од нула се врати на пет проценти. Поради ова брашното тип 400, сончогледовото масло, трајното млеко, оризот и јајцата добија нови цени. Дополнително од вчера драстично се зголемија и цените на горивата, каде данокот се зголеми од 10 на 18 проценти, а цената дополнително се зголеми и денеска.
извор: faktor.mk