Ако го имате уредот неколку години и не сте го исчистиле, не треба ни да го вклучувате
Ако имате клима дома, која функционира, тоа не значи дека сте го решиле ладењето... Ако го имате уредот неколку години и не сте го исчистиле, не треба ни да го вклучувате.
Чистењето на климата е задолжителен дел од домашниот буџет на почетокот на летото, а еве што велат сервисерите за климатизација за тоа што можеме сами да направиме и да заштедиме, а за што сепак ќе треба да платиме стручно лице кое ќе ја заврши работата.
„За почеток, доколку ја користите климата активно, треба да ги миете филтрите најмалку еднаш месечно. За тоа не ви требаат пари, само ладна вода, а ако филтерот е многу валкан, тогаш може да употребите и некое средство кое го користите во домот за одмастување“, советува Филип, сервисер за климатизација.
И тогаш, доаѓаме до делот кој што е исто така задолжителен, но се плаќа:
„Пред сезоната на користење на клима-уредот, сервисот е задолжителен, при што сервисерите ја мијат внатрешната и надворешната единица од клима уредот. Сите делови се расклопуваат и се се чисти темелно. Таа услуга чини околу 2.000 денари за уредите што ги имаме повеќето од нас дома. За поголемите клими може да биде малку поскапо, се зависи од тоа колку се валкани“, објаснува нашиот соговорник.
Доколку имате клима уред кој го користите и за греење, тогаш услугата е задолжителна два пати годишно, на почетокот на летото и на почетокот на зимата.
На крајот прашавме колку долго може да се користи клима уредот, бидејќи повеќето домаќинства кај нас користат уреди стари повеќе од 10 години.
„Ако редовно се одржува, климата нема рок на траење“, рече Филип.