За најголемиот број домаќинства трошоците за електрична енергија ќе бидат пониски, но не и за оние од највисоката четврта група, за кои цената на струјата ќе биде речиси како индустриската
Цената на струјата за домаќинствата во земјава од 1 јули ќе зависи од нивото на потрошената електрична енергија во скапата, дневна тарифа, при што ќе има четири блокови.
Најниска цена ќе има за оние кои месечно ќе трошат до 210 киловат часови електрична енергија, во втората група ќе бидат оние со потрошувачка до 420 киловат часови, во третата до 630 киловат часови и во четвртата група, над 630 киловат часови електрична енергија.
Притоа треба да се има во предвид дека повисоката цена нема да се однесува на вкупната потрошена електрична енергија, туку на разликата од границата на понискиот тарифен блок и оној повисокиот.
Така на пример, доколку едно домаќинство во текот на месецот потрошило 250 киловат часови електрична енергија, по пониска цена ќе плати за потрошените 210 килова часови, а за преостанатите 40 киловат часови ќе плати по повисока тарифа која се однесува на втората група. За најголемиот број домаќинства сметките ќе бидат пониски, но не и за оние од највисоката четврта група, за кои цената на струјата ќе биде речиси како индустриската.
Ова, меѓу друготo беше посочено денеска на првата јавна трибина што ја организира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на која беа презентирани заклучоците од анализите на предложената реформа на тарифниот систем за електрична енергија, подготвени од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “.
„Имаме предлог да се оди со четири блока кои што се однесуваат само на потрошувачката во висока дневна тарифа. Првиот блок е 210 киловат часови, вториот е 420, третиот е до 630 и четвртиот е над 630 киловат часови во скапа тарифа“, рече Рубин Талевски, професор на ФЕИТ, кој новиот тарифен модел го спореди со прогресивниот данок.
Како што беше посочено на трибината, според предлогот кој допрва треба да биде усвоен, потрошената струја во најнискиот блок до 210 киловат часови во скапа тарифа месечно ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега. Оние во втората група, за потрошувачката меѓу 211 и 420 киловат часови, сметките ќе бидат слични на сегашните. Повисоки трошоци ќе имаат оние од третиот за потрошени од 421 до 630 киловат часови, а уште повисоки за најголемите трошаџии на струја, односно за нивото на 630 киловат часови скапа струја, за кои цената на струјата ќе биде слична на индустриската.
Инаку, просечната месечна потрошувачка на електрична енергија по домаќинство во земјава е под 500 киловат часови.
Блок тарифите ќе се применуваат само во периодите на високи дневни оптоварувања (од 07:00 до 22:00) часот, додека во периодите во ниски дневни оптоварувања (22:00 до 07:00) и недела ќе се применува иста цена.
Од изложеното на трибината произлегува дека и при релативно висока потрошувачка, трошоците за електрична енергија треба да бидат отприлика како сегашните, како и дека кај евтината тарифа не треба да има сериозно зголемување бидејќи тоа може да даде полоши резултати. Така, околу 13 отсто од домаќинствата, кои се големи потрошувачи на струја, сметката ќе им биде повисока ако се пресметува со новиот модел, додека околу 2.000 најголеми потрошувачи ќе плаќаат за 46 отсто повисоки сметки.
Професорот Ристо Филкоски од Машинскиот факултет, презентирајќи ја анализата за потрошувачка на струја во грејна сезона, рече дека семејствата што трошат до 1.500 киловат часови електрична енергија месечно, со примената на новиот модел би плаќале сметки пониски или еднакви на сегашните доколку соодносот на потрошената струја во евтина и во скапа тарифа е 50:50.
Резимирајќи ги анализите претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски објасни дека предлогот дава решение и за едно од прашањата што предизвикуваше загриженост кај граѓаните, а се однесуваше на времето кога ќе се читаат броилата.
„Потрошувачката ќе се сведе на дневно ниво. Границите на блоковите се такви што може да се делат со 30, за да нема незадоволни потрошувачи. Така, кај оние кај кои подолго време не е прочитано броилото ќе се избегне поради тоа да влезат во блок со повисока цена. Тој проблем ќе биде избегнат поради тоа што ако читањето е на 35 дена, првиот блок наместо 210 ќе биде 245 киловат-часови“, појасни Бислимоски.
Она што е најбитно е дека со имплементацијата на блоковите, кај 87 отсто од домаќинствата во зимските месеци ќе има намалени трошоци за електрична енергија, уверува Бислимоски, Останатите домаќинства ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија, што е и поентата на воведувањето на блок-тарифите, односно да се испрати сигнал до потрошувачите кои што многу трошат, да ја намалат својата потрошувачка и да инвестираат во енергетски ефикасни уреди и начини на греење со електрична енергија. Во летните месеци, пак, кај 92 проценти од домаќинствата ќе има намалени трошоци за електрична енергија, уверува Бислимоски.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА: nezavisen.mk