Очекувањата се дека со единствениот систем за наплата ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намали метежот на автопатиштата.
Новиот начин на плаќање би требало да го растерети и протокот на возила на наплатните рамки, а предност за граѓаните ќе биде што нема да мора во шпицот на сезоната да чекаат во колони и побргу ќе пристигнуваат до посакуваната дестинација
Возачите наскоро ќе може да плаќаат патарини електронски, со единствен ТАГ уред во три држави: Србија, Северна Македонија и Албанија. Тоа би требало да биде уште едно олеснување кое е иницирано во рамки на последниот Самит од иницијативата Отворен Балкан во Охрид.
Договорено е воспоставување на единствен систем за електронска наплата на патарини (ЕНП) во трите држави, а подоцна истото ќе биде овозможено и во останатите земји од Западен Балкан, доколку одлучат да се приклучат на иницијативата Отворен Балкан, пишува „Еуроњуз Србија“.
Од „Патишта Србија“ за „Еуроњуз“ велат дека се очекува новиот систем на наплата да може да се применува веќе кон крајот на летото.
Како ќе функционира системот?
„Отворен Балкан“ електронска наплата на патарини (Open Balkan ETC) е акција за воспоставување единствен систем за електронска наплата во трите земји, а од „Патишта Србија“ за „Еруроњуз“ објавуваат дека станува збор за ЕНП системи кои ќе бидат базирани на иста технолошка платформа – DSRC-direct short range communication.
„Корисниците на уредот за електронска наплата на патарини ќе може да го користат постојниот ЕНП уред со преконфикурација на истиот и регистрација на своите платежни картични на некои од продажните места. Уредот ЕНП ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот и самиот корисник ќе може да избере дали ќе плаќа патарини во национална или странска валута“, објаснуваат од „Патишта Србија“.
За потсетување, систем за електронска наплата на патарините, за кои од „Патишта Србија“ зборуваат дека од сите три држави ќе се базираат на иста технолошка платформа, беше воспоставен и во земјава.
Попуст од 5 отсто
Според пишувањето на „Еуроњуз“, планирано е граѓаните на Србија кои ќе плаќаат електронски со овие, во Северна Македонија и Албанија да имаат попуст од 5 отсто, и истото да важи реципрочно – граѓаните на Северна Македонија да имаат попуст во Србија и Албанија.
„Кога се во прашања јавните претпријатија кои се задолжени за наплата на патарините, за воведување на овој систем потребни се соодветни технички и организациски подготовки, на кои во моментов активно се работи, а во кои подготовки влегуваат вчитување нови кодови на антените за отчитување на ТАГ уредите и друго. После тоа ќе следи и тестирање на системот, а почетокот на примена се очекува во текот на летната сезона“, велат од „Патишта Србија“.
Очекувањата се дека со единствениот систем за наплата ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намали метежот на автопатиштата. Новиот начин на плаќање би требало да го растерети и протокот на возила на наплатните рамки, а предност за граѓаните ќе биде што нема да мора во шпицот на сезоната да чекаат во колони и побргу ќе пристигнуваат до посакуваната дестинација.