Цената на струјата расте и сè потешко е таа да се плаќа.
Сметките „јадат“ добар дел од нашиот месечен буџет и затоа треба да се најдат начини како да се заштеди. Со следење на овие неколку совети можете колку – толку да го постигнете тоа.
Исклучете ги електричните апарати од штекерот. Иако не работат, тие пак влечат по малку струја која додава киловат часови на вашата сметка. Микробрановата печка, лаптопот, телевизорот, полначот за мобилниот телефон и сличните трошат малку, но додаваат по некој денар на сметката која треба да се плати. За да си ја олесните работата при исклучувањето на апаратите, можете да употребите продолжен кабел и на него да ставите повеќе приклучоци.
Заменете ги сијалиците. Ставете штедливи сијалици. Иако се поскапи кога ги купувате, тие трошат до 75% помалку електрична енергија и на долг рок ви штедат пари.
Пукнатини во ѕидовите. Доколку ги имате, тоа значи дека домот не ви добро изолиран. Низ нив влегува студен воздух кој ќе ве натера да користите повеќе струја доколку се греете на неа.
Перете на пониска температура. 90% од електричната енергија која ја користат машините за перење алишта оди на загревање на водата. Затоа селектирајте ја облеката која може да се испере на пониска температура и перете ја заедно за да заштедите.
Гответе со капак кога тоа е можно. Така топлината ќе остане во садот, храната ќе се зготви побрзо и ќе се потроши помалку струја.
Внимавајте какви електрични апарати купувате. На пример,ако купувате фрижидер,можете да најдете таков што троши двојно помалку струја отколку некој друг фрижидер.
Трошете евтина струја. Ова сигурно веќе го практикувате, но може да се повтори затоа што е најефикасниот начин да се заштеди електрична енергија, особено кога се користи со другите методи кои ги набројавме овде.