Од денеска поскапува струјата и почнува да се применува новиот концепт на блок тарифи. Не се очекуваат ниту рестрикции на струја, иако не очекува тешка зима.
Блок тарифите ќе важат само за скапата струја, а за евтината нема да има блок тарифи и потрошувачката ќе се плаќа врз основа на разлика. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека доколку не се воведат блок тарифите, цената би се зголемила за 17,74 проценти.
РКЕ воведе концепт на блок тарифи со цел да им се помогне на најранливите категории на потрошувачи, но да им се помогне и на домаќинствата што немаат друг избор и друг начин за греење освен електрична енергија и поради тоа блоковите ги проширивме само во висока тарифа до 1050 киловатчасови. Проверете во која било земја во регионот дали има толку високи блокови. Јас ви тврдам најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот, изјави претседателот на РКЕ.
Кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 проценти, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7, кај три проценти од 8,7 до 11,2 а кај тие што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 проценти.
Во однос на цените, најголемиот товар ќе падне на тие што грејат базени, кои имаат можност да ги плаќаат сметките, коишто трошат колку што трошат 100 просечни домаќинства во државата месечно. Во однос на просечните граѓани, оние кои трошат просечно согласно сите параметри и нивните потреби, за нив можеби ќе има и помали сметки со воведување на блок тарифите.
За да се зголеми енергетската независност на државата, потребни се инвестиции во сите обновливи извори – фотоволтаици, ветерни електрани и гасни електрани, сметаат од РКЕ.
извор: vesnik.com