Странските туристи кои ја посетиле Македонија се воодушевени од гостопримливоста на народот, им се допаѓаат рестораните, природата, и сè она што може овде да се види, но во исто време имаат забелешки за македонските патишта и хигиената на јавните места.
4.29 e просечната оценка која странските туристи ја дале за услугите кои ги добиле во земјава, покажа анкета направена на граничните премини претходните години, а објави Државниот завод за статистика.
За однесувањето на луѓето дале оценка 4.68, за безбедноста 4.29, за хигиената на јавните места 3.76. Природната средина ја оцениле со 4.57, забавата и ноќниот живот со 4.40, патната мрежа со 3.59, за рестораните дале оценка 4.53, за аеродромските услуги 4.46, а за археолошките и историски ресурси оценката е 4.78.
Туристите велат: " Убавини има, луѓето се љубезни, но фали ред и организираност ".
„Првпат бев во Македонија, тоа беше неочекувано кратко бегство. Првото нешто што ме воодушеви беа луѓето. Сум сретнала добри луѓе, но видов дека Македонците се исклучително пријателски расположени и помагаат. Таков впечаток имав во такси, бев и на гости, бев во ресторани. Можеби ова е исклучок и само за туристите се такви, не знам. Природата е навистина неверојатна! Прекрасни терени. Бев во Охрид и езерото ми остави огромен впечаток! Се заљубив во Охрид. Градот е многу убав. Всушност, можете да видите малку неред во исто време - на пример, автомобили на тротоарите. Можете да видите дека луѓето имаат огромни срца таму, но веројатно не знаат како да одржуваат ред“, раскажува една туристка за Фактор.
Додава дека ѝ се допаѓа темпераментот на македонскиот народ, и посакува Македонија да се развива на туристички план, затоа што како што вели има потенцијал.
Други ќе кажат дека луѓето се љубезни, а велат дека Македонија е една од почистите балкански земји.
„Сега сум во Скопје, и можам да кажам дека ја сакам Македонија, луѓето се многу љубезни. Негативно е тоа што не можам секаде да плаќам со картичка. Како Бразилец, нормално е да одам дури и до мала продавница на аголот од мојата улица, да земам овошје и да платам со картичка, додека овде не ги прифаќаат на сите места каде што отидов, а тоа е исто како Whatsapp наспроти телефонските повици. Би рекол дека Македонија е скапоцен камен надвор од пропаст. Како Бразилец навистина не познавав никој друг што дошол овде претходно, но дефинитивно би се вратил откако ќе поминам еден месец во Скопје!“, вели тој.
И транзитните патници дале исти одговори, односно најслаби оценки имаат за патната мрежа и за хигиената во Македонија.
извор: faktor.mk