Претседателот на Германската регулаторна агенција за енергетика ги повика граѓаните, поради можноста целосно да се прекине протокот на природен гас во земјата, да штедат струја и да се подготвуваат за зима.
Експертите ги повикаа граѓаните да ја проверат состојбата на бојлерите и радијаторите за да добијат максимална ефикасност. Треба да се подготват за ова во текот на следните 12 недели.
Германските семејства веќе треба да размислат „дали во текот на зимата секоја соба мора да биде на вообичаената температура или некои може да бидат малку постудени“.
Германскиот канцелар Шолц ги повика граѓаните заеднички да се соочат со економските проблеми кои ја тресат земјата, особено инфлацијата, и затоа најави дека ќе се одржи експертски состанок на кој ќе се обиде да даде одговор на тоа прашање.
Германскиот канцелар кажа и дека растот на цените е голем проблем што вознемирува многу граѓани, и тоа со право. Кампањата, наречена Усогласена акција, почнува во понеделник во канцеларијата на канцеларот.
Другите можни инструменти го вклучуваат предлогот на министерот за труд, кој сака еднаш годишно финансиски да им се помогне на самците кои месечно заработуваат помалку од 4.000 евра бруто приход и брачните двојки кои заедно заработуваат помалку од 8.000 евра.
Само повисоките плати и социјалните бенефиции можат одржливо да ја компензираат штетата на луѓето со средни и ниски приходи, рече претседателот на Германскиот институт за економски истражувања