Точно 3.031 пензионер во државата земаат најнискa пензија во висина од 10.276 денари. Станува збор за пензионери кои правото да заминат во пензија го оствариле од 01.01.1997 година и тоа во третата група, во многу турбулентен периодот за државата, се вели во анализата на порталот pari.com.mk.
Според последните објавени податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) за месец април, во категоријата најниски пензии висината на месечните примања на пензионерите се движат од 10.276 до 12.911 денари. Вкупниот број на пензионери кои спаѓаат во категоријата со најниски пензии изнесува 81 427 или секој четврт пензионер во државава влегува во оваа категорија.
Бројката од 3,031 пензионер се најсиромашните помеѓу пензионерите со најниски примања. Најбројни корисници, пак на најниски пензии се оние што оствариле право на пензија по 2002 година, нивниот број е 66,970. Од нив, 43,905 земаат пензија малку над најмалата, односно 10.791 денар.
Во април вкупниот број на пензионери изнесувал 326 645. За разлика од пензионерите со најниски пензии кои се 25% од вкупниот број на пензионери во земјава, процентот на пензионери кои уживаат во најголемите пензии е само 0,4 отсто.
Во бројка тоа изнесува 1,348. Во оваа група висината на пензиите се движи од 41.724 денари до највисоката 60.294 денари. Од нив, најмногу 871 пензионер земаат пензии во висина од 43.465 денари. Највисоката меѓу максималната пензија (60.294 денари) што почна да се исплаќа од март ја земаат 23-ца пензионери.
ПИОМ во април пресмета бројот на пензионери се зголемил за 596 лица. Просечната пензија во четвртиот месец изнесувала 16.339 денари.
Најголемиот дел од нив земаат пензија што спаѓа во највисоката квота или пак во најниската. Податоците говорат 101.690 пензионери, што е најбројна група (31.13%) земаат пензија над 18.001 денар. Втората по бројност е групата пензионери што земаат пензија до 11.500 денари и нивниот број изнесува 89.386 (27.36%). Не е за потценување ниту групата на пензионери што земаат од 11.501 денар до 14.000 денари. Нивниот број изнесува 66.347 (20.31%). И 69.223 пензионери (21.19%) земаат пензија помеѓу 14.001 и 18.000 денари.