Во првите шест месеци од оваа година вкупно 108 лекари ја напуштиле работата во јавните здравствени установи во Косово и заминале за да ја вршат професијата во странство, главно во Германија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателот на Лекарската комора на Косово, Плеурат Сејдиу за агенцијата КосоваПрес изјави дека мошне загрижувачкиот тренд на одлевање на медицинскиот кадар, меѓу кои и специјалисти и специјализанти, меѓу другото, е последица на неуспехот на надлежните власти да изготват квалитетна стратегија за човечките ресурси.
-Сега се надминува бројката што ја предвидувавме за оваа година, а која беше околу 200 до крајот на годината. Само во првите шест месеци имаме 108 лекари кои веќе ги подготвиле документите, го подигнале сертификатот за етичка-професионална чистота, кој им е потребен за да заминат. Очекуваме дека до крајот на годината тоа ќе го сторат сигурно 220 лекари, главно млади. Меѓу нив се 7-8 специјалисти и повеќе од 36 специјализанти, додека останатите се лекари кои дипломираат и ова е алармантно, изјави Сејдиу.
Според него, за спречување на овој тренд потребно е сериозно инвестирање од страна на државата за создавање подобри услови за работа и за специјализации, како и подостоинствени плати.
– Трите главни причини остануваат исти како и минатата година: на прво место се условите за работа, квалитетот и условите на специјалистичкото образование и трето е платата… Единствено решение е сериозното инвестирање во здравството, а притоа не мислам само на апаратура, туку инвестирање во човечки ресурси… Во Косово нема вистинска стратегија, ниту за човечките ресурси, ниту за здравството, а нема ниту вистински здравствени политики, вели Сејдиу.