„Виз Ер“ предупредува на кратење летови поради аеродромскиот хаос
„Виз Ер“ очекува дека ова лето ќе има кратење на летови поради недостаток на работници и штрајковите по европските аеродроми, соопшти нискобуџетниот авиопревозник што доведе до пад на нивните акции од околу 5%.
Директорот на „Виз“, Јозеф Варади минатиот месец изјави дека компанијата е уверена дека ќе се врати на пред-пандемиската продуктивност и дека ќе го користи целиот потенцијал на своите авиони оваа година.
Сепак, денеска, од компанијата велат дека очекуваат да скратат дополнителни 5% од своите летови за да се намали влијанието на „тековните надворешни нарушувања“, пренесува Ројтерс.
По падот предизвикан од омикрон варијантата на коронавирусот, ова лето побарувачката за авионски превоз драстично порасна. Но, штрајковите и недостатокот на вработени принудуваат илјадници летови да се откажат и предизвикуваат долги редици на големите аеродроми низ Европа.
Авиопревозниците ги подигнаа цените за летовите за да ги надоместат трошоците за гориво, додека пилотите и авионскиот екипаж бара повисоки плати поради инфлацијата.
Скандинавскиот авиопревозник „САС“ веќе откажа стотици летови минатата недела, откако пропаднаа преговорите за нов колективен договор со пилотите. Истовремено Велика Британија објави повеќе планови за авиоиндустријата, меѓу кои и помош во ангажирањето вработени, откако најпрометниот национален аеродром Хитроу побара авиопревозниците да откажат 30 закажани летови поради тоа што бројот на патници го надминал капацитетот на аеродромот.