Општина Кисела Вода распиша два јавни повика за субвенционирање на проекти за енергетска ефикасност.
Првиот се однесува на поддршка, односно кофинансирање при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективното домување на територија на oпштината, додека вториот се однесува на надоместување на дел од трошоците за субвенционирање за кофинансирање при набавка на печки на пелети за домаќинствата од оваа територија.
Финансиските средства од Буџетот на Општината, во износ од 3 милиони денари, ќе се користат за делумен надомест на средствата во износ од 60% од вредноста при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради на територија на oпштина Кисела Вода, изградени пред 2010 година. Право на учество на јавниот повик имаат сите Заeдници на сопственици или Управители на станбени згради за колективното домување на подрачјето на општина Кисела Вода, кои ги исполнуваат условите и ја доставиле потребната документација. Јавниот повик за оваа мерка, ќе трае 30 дена од денот на објавување.
Сите детали и критериуми, како и потребната документација се достапни на општинската веб страница на линкот:
http://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/javen%20povik%20fasadi.pdf
Финансиските средства, пак, обезбедени од Буџетот на општина Кисела Вода за 2022 година, за делумен надомест за субвенционирање при набавка на печки на пелети за домаќинствата на територија на општина Кисела Вода, се во висина од еден милион денари. Финансиската поддршка ќе овозможи субвенција во износ од 50% од вредноста, не повеќe од 20.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. Право на учество на јавниот повик имаат сопствениците на индивидуални стамбени објекти за домување на територија на општина Кисела Вода, кои не се поврани на градско парно греење и досега немаат искористено субвенции за набавка на печка на пелети или инвертор од било кој извор во Република Македонија за објектот за кој бараат поддршка за субвенционирање. Апликантите ќе треба да достават фискална сметка или фактура и извод од банка како доказ дека купувањето на печка на пелети е извршено во периодот од 01.01.2022 година до завршување на јавниот повик. Сите останати услови и критериуми за учество се достапни на:
http://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/javen%20povik%20peleti.pdf
Овој јавен повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена во Буџетот на општина Кисела Вода, а најдоцна до 30 ноември во тековната календарска година. Исплатата на финансиските средства ќе се врши според редот на пристигнати барања.